Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска истакна дека продолжуваат со активностите низ Македонија, денеска во Ресен.
-Јас ја користам оваа прилика да ги охрабрам и да им честитам што и покрај предизвикот со кој се соочија на почетокот од нивниот мандат, со големи долгови, блокирани сметки, сепак успеваат дел од проектите кои што ги ветија за време на кампањата да ги реализираат, и претпоставувам дека после оваа наша денешна посета овде во Ресен, СДСМ ќе излезат со некое си соопштение во кое што мене ќе ме обвинат дека промовирам проекти на СДСМ.
Ја користам оваа прилика и на СДСМ, и на тие кои што ги пишуваат неколку реда соопштенија во канцелариите на СДСМ и владата, да им порачам дека проектите не се ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, проектите се на народот. А тоа што СДСМ не успеа да ги реализира тие проекти, тоа што ВМРО-ДПМНЕ успева да ги реализира тие проекти, доволно говори за какви политичари од СДСМ станува збор и колку тие си го почитуваат, сакаат народот и државата.
Да заклучам, ова не се проекти ниту на СДСМ, и ако тие се внуци и синови и ќерки на транзиционите поранешни комунистички функционери, па се навикнати се да си присвојуваат, затоа јас велам не се ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку се проекти на народот, проекти кои што ги реализира ВМРО-ДПМНЕ и така ќе продолжи да ги реализира проектите кои што се важни за народот, и кои што треба да му овозможат на народот подобар комфор и подобри услови за живеење.
Истовремено ја користам оваа прилика да упатам една порака до министерот за животна средина, до министерот за финансии, кои што доаѓаат од партијата која што на моменти кога ќе ги напушти националистичките позиции, позициите на делење, промовира и зелени проекти, односно зелена агенда, да не ги кратат наменските средства кои што се наменети за спас на Преспанското езеро, туку напротив да ги стимулираат, бидејќи Ресен е мултиетнички град.
Овде има мнозинство Македонци, но живеат и Албанци, Турци и останати и треба сите заедно да се бориме и да го спасиме Ресен. А бидејќи тие доаѓаат од партијата која што не така одамна промовираше зелена агенда еве им шанса, еве им можност да се покажат и докажат дека на моменти кога тоа е потребно од лични интереси нема да го злоупотребуваат, туку навистина ќе помогнат да се зачува овој бисер, ова Преспанско езеро и наместо да ги скратат тие средства кои што во моментот се на наменската сметка да ги дуплираат, а зошто да не и триплираат. И сите заедно, владата и градот да поработат на спас на Преспанското езеро, истакна Мицкоски.