Во однос на прес-конференцијата на политичката партија СДСМ, од каде обвинија дека поранешен затвореник е именуван за заменик директор на затворот „Идризово“, од Владата се јавија со реакција
Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен. Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада. Во однос на директорот на затворот во Прилеп за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело. Апелираме СДСМ да не шпекулира и да ја дезинформира јавноста, стои во писмениот допис од Владата со кој се демантираат наводите изнесени на денешната прес конференција на СДСМ, соопштија од Владата.
Ова не е нормално, луѓе што лежеле затвор Мицкоски ги става за директори на затвори!, рече претходноМетодија Илиевски, советник на СДСМ во Советот на општина Битола на денешната прес конференција.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не знаат каде тераат. До толку немаат кадри за да ги постават по институциите што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави ги става за в.д. директори на затвори. Со одлука на Мицкоски осуден криминалец кој лежел 4 години затвор е именуван за в.д. директор на затворот Идризово, одделение Велес! Ибрахим Ељези е осуден и лежел 4 години затвор, од 2013 година до 2017 година во Идризово. Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД Идризово, одделение Велес? Ова не е нормално. Па како може осуден криминалец да биде одговорен за затвор? Но тоа не е се. Емил Јанески, со кривична пријава за „несовесно работење„ со одлука на Мицкоски е именуван за в.д. директор на затворот во Прилеп. Јанески во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и против него МВР има поднесено кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари. Дури и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција бараше Јавното обвинителство да реагира и да ги расчисти сомнежите за наводната милионската проневера од Јанески, обвинија од СДСМ.