Семејството на Мицкоски никогаш не патувало со владиниот авион

Семејството на премиерот Христијан Мицкоски не патувало со владиниот авион додека тој го користел за негови службени потреби, соопштија денеска од Владата. Ова следува откако опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) побара од власта да докаже дека владиниот авион бил користен согласно процедурите и да објави кој сè патувал заедно со премиерот.

Служениот авион, како што велат од Владата, стар 20 години, е користен исклучиво од премиерот Мицкоски, без семејна придружба за негови службени потреби.

За две години, додаваат оттаму, премиерот го користел владиниот авион само за четири патувања во соседството.

„Лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на премиерот Христијан Мицкоски патувало до Сплит, Хрватска“, се вели во владиното соопштение.

Оттаму го оценуваат за лицемерно однесувањето на опозициската СДСМ и за нејзиниот лидер Венко Филипче, за кого велат дека зад затворени врати се согласува со набавка за нов владин авион, а во јавноста истото го критикува.

„Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите што произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери“, додаваат од Владата.

По барањето на СДСМ власта да објави кој патувал заедно со Мицкоски во владиниот авион, се огласи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што исто така посочуваат дека семејството на премиерот никогаш не го користело владиниот авион.

Сметаат дека интересот на опозицијата за темата со владиниот авион отвора и други значајни аспекти, особено за неговото користење од страна на експремиерот Зоран Заев.

„Очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потенцираат дека пред да влезе во расправа за владиниот авион, од СДСМ треба да бидат свесни дека Македонија е држава со еден нерасветлен атентат врз претседател и уште еден инцидент на трагично загинат претседател и тоа со владино летало.

Актуелното владино летало, од кое, како што велат од владејачката партија, СДСМ и Филипче прават сензационализам е старо 20 години, односно е купено во 2005 година, а од 2017 година за него се потрошени четири милиони евра за поправки.