Владата  денеска ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на мерки согласно фаза 3. Од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025–2030.

Активираме сѐ што е потребно за да го заштитиме населението. Оваа фаза содржи координирани активности на повеќе институции со цел минимизирање на ризиците од високите температури врз здравјето на граѓаните – порачуваат од Владата.

Се задолжуваат сите министерства, државни органи и надлежни институции активно да ги спроведуваат мерките и препораките. Tие треба веднаш да ги координираат сите подрачни служби, јавни установи и други правни субјекти за спроведување на одредбите од фаза 3.

Министерството за здравство, во координација со Управата за хидрометеоролошки работи и Институтот за јавно здравје, ќе има обврска редовно да ја информира јавноста за состојбата со топлотниот бран.

Јавната комуникација е клучна. Ќе ја засилиме транспарентноста и навременото известување за температурните екстреми – велат од Владата.

Сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции треба веднаш да ги активираат своите интерни протоколи за вонредни состојби.

Во делот на работните услови, Владата препорачува

– Одложување на работните процеси во периодот од 11:00 до 17:00 часот за работниците кои се изложени на директна сончева топлина.

– Воведување работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е можно.

– Создавање микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25°C.

– Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години доколку нема услови за прилагодување на работниот простор.

– Наш приоритет се работниците. Никој не смее да биде оставен без соодветна заштита на своето работно место – истакнуваат од Владата.

Во социјалниот сектор, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст треба да ја зголемат теренската поддршка, особено за осамени, стари и бездомни лица.

Образовните установи, вклучително и детските градинки, ќе мора да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

– Грижата за најмалите е врвен приоритет – секоја активност ќе биде приспособена на новите климатски услови – велат од владиниот кабинет

Градовите ќе имаат обврска да обезбедат климатизиран јавен превоз во текот на целиот ден. Jавните простории и установи мора да овозможат пристап до разладени простории за граѓаните.

Граѓаните ќе имаат пристап до климатизирани простори и превоз – нашата задача е тие да бидат безбедни и информирани – порачуваат од Владата.