Контрола на лиценци за медицински канабис и активности против недозволена трговија
На 149-та седница, Владата ја разгледа информацијата во врска со лиценци за производство на канабис за медицински цели, со цел да се спречи нелегално индустриско производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар. За тоа информира владината портпаролка Венера Љатифи-Азизи.
„Се со цел да се спречи индустриско нелегално производство на медицински канабис и пласман кон нелегалниот домашен и меѓународен пазар, Владата на денешната 149 седница ја разгледа информацијата во врска со лиценци за производство на канабис за медицински цели,“ рече Љатифи-Азизи.
Владата ги задолжи сите надлежни институции да преземат законски утврдени мерки и вонредни контроли на сите правни лица кои имаат дозвола за производство и одгледување на медицински канабис на целата територија на државата. Институциите во рок од 45 дена треба да достават извештај до Владата.
Исто така, Владата ќе именува членови на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги.
„Од 2017 година откако е формирана комисијата, истата воопшто не била активна и нема резултат. Во иднина ќе бараме редовни извештаи,“ додаде портпаролката.
Решенија за паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ и усвојување на законски предлози
Владата исто така донесе одлука за конечно решавање на паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со тоа се затвораат административните прашања кои со децении го попречуваа уредувањето на паркирањето. Ова создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
„Со оваа одлука се создава правна основа за потпишување договор, а Министерството за здравство во рок од три месеци го заврши процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветните елаборати. Проектот ќе обезбеди модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и софтверско решение за ефикасно управување,“ рече Љатифи-Азизи.
На седницата исто така беше усвоен Предлог-законот за Советот на Јавни Обвинители, кој заедно со предлог-законот на Јавното обвинителство доби позитивно мислење од Венецијанската комисија. Усвојувањето на овие закони во Собранието го означува следниот чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните. Продолжуваме со реализација на програмата на Влада за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите,“ заклучи портпаролката.
