Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата е избрана со мандат од четири години, но дека е подготвен за избори. Во гостување на телевизијата Алсат М, тој рече дека опозицијата може во секое време да поднесе барање за нив.
„Мојот став е јасен, ние сме влада избрани за мандат од 4 години и тука немаме никаква дилема и исто така неколку пати сум го повторил во јавноста дека здружената опозиција Левица, ДУИ, СДСМ можат секое време да поднесат барање. Политичар без разлика дали е во власт или во опозиција, без разлика, треба секогаш да ја подготвен за избори затоа што не се знае кога може да се да се случат“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека избори може да се одржат и поради непредвидени околности, посочувајќи го случајот во Брвеница, каде што изборите се одржуваат по трагичната смрт на градоначалникот.
„Еве сега имаме избори поради, за жал, трагично завршен живот на градоначалникот на Брвеница, во Брвеница. Не се знае што се може да се случи. Во политиката никогаш немојте да кажете никогаш. Но она коешто во моментот е моја порака е дека работиме за мандат од 4 години како коалициона влада во којашто се политичките партии ЗНАМ и ВЛЕН“, одговори Мицкоски во гостувањето на телевизијата Алсат М.
