Владата донесе одлука да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15 односно 10 отсто, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.

Оваа одлука ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите, а намалувањето на нивните цени ќе биде за околу 8-9 денари.

„Се замрзнува односно намалува цената на тестенините кое намалување се предлага да биде за 15 проценти на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 односно во просек за околу 8 до 9 денари. Се работи за тестенини односно макарони и шпагети. Исто така, се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи за период од 13 март 2023 до 31 мај 2023“,рече Ковачевски.

Цената на млечните производи се замрзнува односно се утврдува намалување на 10 отсто ан цените кои се применувале на 1 март.

„Се замрзнуваат и цените на млечните производи и тоа трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урдата; кравјото бело сирење и мешаното бело сирење; кравји кашкавал – со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан; киселото млеко; павлаката и јогуртот без додатоци. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало кои цени се намалуваат за 10 проценти“,наведе премиерот.

Што значи ваквата мерката, со сликовит пример на прес-конференцијата објасни министерот за економија Крешник Бектеши.

„Цените од 1 март се референца на намалувањето кое е минимум и кое треба да се направи. На пример, ако цената на 1 март во малопродажба на одреден производ била 80 денари, на 16 март треба да биде максимум 72 денари, што е намалување за 10 отсто. Верувам дека има такви компании кои се општествено одговорни и имаат простор да ги намалат своите профити и да одат подолу со намалувањата“,рече Бектеши.

Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари.

Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето односно повластената тарифа на струјата за производителите на основни прехранбени продукти.