Владата го разгледа и утврди текстот на предлогот на Закон за Академија за судии и јавни обвинители, објави Макфакс.
Донесувањето на овој Закон, според предлагачот, Министерството за правда, произлегува од потребата за реформа на судството во Република Северна Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.
„Новото законско решение е усогласување со препораките од Оценската мисија за судска обука од 2018 година и со него, меѓу другото се предлага реорганизација на приемен испит со цел подобро оспособување на кандидатите за успешно да учествуваат во обуката; намалување на роковите за поднесување и одлучување по приговори и жалби за резултатите од приемниот испит; редефинирање на начинот на полагање на завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите; зајакнување на начинот на спроведување на континуираната обука содржана како стратешка цел во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор“, се истакнува во владиното соопштение.
Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, како што се појаснува во соопштението, за прв пат е донесен во јануари 2006 година и досега е менуван неколку пати, но и со големиот број измени на постојниот закон, лоцирани се одредени слабости коишто претставуваат пречка за ефикасно функционирање на Академијата за судии и јавни обвинители. Поради оваа причина, додаваат од Владата, оценето е дека е неопходно да се пристапи кон изработка на нов текст на закон, за да се избегне менување на повеќе од 80 проценти од одредбите од постоечкото законско решение.