Приоритети се развојот и одржливоста на јавните финансии

Со проекции за економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 2,5 проценти, Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, кој треба да обезбеди стабилност и нова енергија во економијата. Буџетскиот дефицит е предвиден на 3,5 проценти од БДП, што според надлежните е рамка за урамнотежено трошење и одговорна фискална политика.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата истакна дека вкупните приходи се планирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи на 413,9 милијарди денари, при што за капитални инвестиции се издвоени 40,5 милијарди денари, што е околу 650 милиони евра.

„Капиталните проекти ќе бидат двигател на економскиот раст следната година. Очекуваме раст и кај приватните инвестиции, поттикнати од кредитната поддршка за компаниите и од зголемувањето на платите и пензиите,“ рече Димитриеска Кочоска.

Фискална дисциплина и поддршка за граѓаните и стопанството

Министерката нагласи дека целта на буџетот е да го забрза растот, но со задржување на фискалната стабилност. Таа најави континуирана борба против сивата економија, подобра наплата на јавните приходи и ефикасно користење на буџетските средства.

„Буџетот ќе се темели на реални параметри. Приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе се насочуваат кон стратешки приоритети. Ќе се намалуваат несуштинските трошоци и ќе се зајакне поддршката за граѓаните и стопанството,“ изјави министерката.

Во буџетот за 2026 година се содржани клучните економски политики што Владата ќе ги спроведува во наредниот период, со цел одржување на стабилни јавни финансии и создавање услови за одржлив економски развој.