Владата и „4iG“ Групацијата, една од водечките ИКТ компании во Унгарија и Западен Балкан, денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање со цел да се забрза дигиталната трансформација во Македонија во делот на економијата и инфраструктурата, информираат од Владата на Република Македонија.
Меморандумот кој претставува основа за долгорочна соработка меѓу Владата и „4iG“ Групацијата ги истакнува можностите за влез „4iG“ Групацијата на телекомуникацискиот пазар во Македонија и ги идентификува стратешките области за идниот развој на телекомуникациските услуги и инфраструктурата во земјата.
Меморандумот за разбирање го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на „4iG“ Групацијата Гелерт Жазаи.
Документот, кој ја поставува основата за долгорочна соработка меѓу двете страни, ги потенцира можностите за „4iG“ Групацијата за влез на телекомуникацискиот пазар во Македонија и ги дефинира заедничките цели за идната соработка и тоа:
– Подобрување на искуството на клиентите преку воведување на најсовремени мобилни и широкопојасни технологии за да се обезбедат побрзи и посигурни комуникациски и интернет услуги.
– Имплементација на инвестиции во врвни технологии засновани на 5G, IoT и вештачка интелигенција за развој на дигиталниот екосистем во Македонија со оглед на посветеноста на Владата за иницијативата „Чиста мрежа“.
– Отворање на нови и квалитетни работни места преку формирање на регионални канцеларии и оперативни центри кои ќе имаат за цел зголемување на економскиот раст и долгорочен развој.
– Минимизирање на влијанието врз животната средина и поддржување на зелените иницијативи, стимулирање на иновациите, технолошкиот развој и претприемништвото во партнерство со локални економски субјекти.
Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Владата и „4iG“ Групацијата е целосно во согласност со „Планот за одржливост на Македонија 2030“ и посветеноста на државата за програмата „Чиста мрежа“.
Во следниот период двете страни ќе формираат заедничка работна група за унапредување на соработката, со цел да се анализираат можностите на пазарот и да се забрза соработката.
Како сопственик на операторот „ONE Црна Гора и ОНЕ Албанија”, „4iG“ Групацијата е една од водечките телекомуникациски и ИТ оператори во Западен Балкан, опслужувајќи речиси 2,2 милиони корисници и 400 илјади деловни клиенти во овие две земји.
Со своето работење, групацијата продолжува да ги проширува своите услуги, експертиза и портфолио за да одговори на променливите потреби и барањата на телекомуникациските и ИТ пазари. Групацијата вработува над 8.000 луѓе.
„4iG“ Групацијата е водечка телекомуникациска компанија во Унгарија и Западен Балкан и една од водечките компании во областа на знаење и дигитална економија. Иновативниот пристап на Групацијата и нејзината позиција како водечки унгарски интегратор на телекомуникациски и ИТ системи ја прави компанијата лидер во нудење на услуги во делот на дигиталната трансформација во регионот.