Владата спроведува координирана акција со јасен план за поддршка на настраданите во Кочани
Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, упати апел за воздржаност и единство. Таа нагласи дека Владата има јасен план за поддршка на настраданите, што вклучува рехабилитација, психолошка помош и финансиска поддршка.
Повредените се под постојана опсервација, а семејствата ќе добијат долгорочна помош
„Денес, а и многу пати наназад после несреќата, премиерот соопшти дека Кочани е приоритет за Владата, дека здравјето на повредените е пред сè. Дека психолошката состојба на сите истрауматизирани е под постојана опсервација и контрола. Дека ќе се помогне на секој можен начин, дека ќе се изнајдат многу повеќе средства за Кочани“, рече Стојаноска.
Таа повика на воздржаност од политички преписки во овој чувствителен период.
„Како пратеници треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги преземе сите надлежности и механизми“, рече таа.
Рехабилитацијата е во тек, Владата најавува долгорочна поддршка за Кочани
Според Стојаноска, по трагедијата, Владата спроведе најкомплексна координирана акција.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во чие време се случи оваа страшна трагедија презеде најкомплексна и координирана акција после пожарот. Веќе немаме повредени чии животи се во опасност. Во тек е рехабилитација на повредените, во тек се сите можни проекции и планови за Кочани и за семејствата на починатите и на повредените. Ќе им се помогне на секој можен начин во текот на целиот нивен живот и не само финансиски“, нагласи таа.
Таа заврши со апел за обединување околу солидарноста и заштитата на граѓаните.
„Нека им е вечна славата, никогаш да не ги заборавиме и никогаш повеќе да не дозволиме било што слично на Кочани да ни се случи. Како што се обединивме околу гласањето на Законот за пиротехнички средства, така и сега порачувам да се обединеме и да не фрламе сол врз свежите рани. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има план како да се помогне“, заклучи Стојаноска.