Владата денеска испорачува дополнителни 60.000 литри вода за пиење за граѓаните на Гостивар, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски од посетата во Велес.

Владата продолжува со конкретни активности за справување со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар. Водоснабдувањето е во надлежност на локалната самоуправа, но Мицкоски истакна дека владата не дозволила граѓаните да останат без поддршка и активно се вклучила во надминување на кризата.

Според премиерот, од денеска локалното јавно претпријатие треба да започне со процесот на прочистување на водоводниот систем, со цел во првата фаза водата повторно да може да се користи за технички потреби и одржување на личната хигиена, а потоа и целосно да се нормализира состојбата.

Мицкоски истакна дека институциите ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата и ќе преземаат мерки сè додека кризата не биде целосно надмината.

Осврнувајќи се на одговорноста за настанатата состојба, премиерот порача дека морална одговорност треба да понесат сите, од прв до последен, во локалната власт во Гостивар.

„За кривичната одговорност ќе одлучува Обвинителството, тоа е работа на надлежните институции“, истакна Мицкоски.