Отчет за сработеното во првата година на Владата ќе одржат вечерва владините претставници во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил соопшти дека за една година покачиле пензии и плати, градат патишта. Обезбедиле над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработиле 1000 полициски службеници. Нагласи дека развојот е возможен и на дофат, а најдоброто допрва доаѓа.
-Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните, како што знаеме дека вие сте свесни што наследивме, дека чуда не се можни преку ноќ и дека не е лесно, но со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кој ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат. Секогаш блиску до народот и за граѓаните. Утре се гледаме на отчетот на првата година од Владата на промени во 20:00 часот. Една година од новиот почеток, една година градење темели, една година за тебе! Доаѓа Времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените, истакна вчера Мицкоски.
Како што посочи, првпат после седум години, учебната година 2024-2025 година почнала со испорачани учебници, над еден милион примероци биле поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Обезбедени се, напомена, 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година.
-Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина, 500 милиони евра за бизнисот и капитални проекти за општините. Македонската економија на четврто место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска… и многу други работи. Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните, како што знаеме дека вие сте свесни што наследивме, дека чуда не се можни преку ноќ и дека не е лесно, но со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кој ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Собранието на 23 јуни минатата година со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра Владата, на чело со Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.
Во Владата има вкупно 20 министерства. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри. Во владиниот состав има само три жени, министерките за финансии, за образование и наука и за енергетика, рударство и минерални суровини, Гордана Димитриеска Кочоска, Весна Јаневска и Сања Божиновска.
Христијан Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.