Владата ќе набави нови 100 амбулантни возила во вредност од 7,5 милиони евра
Владата на вчерашната седница донесе одлука за набавка на нови 100 амбулантни возила во вредност од 7,5 милиони евра за потребите на македонското здравство, со цел унапредување на итната медицинска помош и транспортот на пациенти.
Министерот за здравство Азир Алиу на својот Фејсбук профил објасни дека со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за интервенција и пристап до здравствени услуги низ целата држава.
„Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“, напиша Алиу.
На истата седница, како што информира министерот, Владата донела и одлука поврзана со функционирањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Паркингот во рамки на комплексот ќе биде запишан како државно земјиште, со што се отстранува правната пречка за потпишување договор меѓу Клиничкиот центар и ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
Според Алиу, договорот треба да донесе суштински промени во начинот на користење на просторот за паркирање.
„Со овој договор ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред. Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта која ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, истакнува министерот Алиу.
