Владата денеска ќе ја одржи редовната 16-та седница, на која согласно своите надлежности ќе разгледува повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Според предложениот дневен ред, меѓу другото, на денешната седница ќе се разгледува Информацијата за организирање на втората меѓународна конференција Преспа форум за дијалог, како и Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и за потребните мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република С. Македонија во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина, соопшти владината прес-служба.
Двете информации се предложени од Министерството за надворешни работи.
На предлог на Секретаријатот за европски прашања, пред министрите за разгледување ќе се најде и Информација за одржаниот седумнаесетти состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионална политика, во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република С. Македонија, одржан на 18 март 2021 година.
-За заклучоците и одлуките од денешната владина седница, која ќе започне во 12:15 часот, јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување, се вели во соопштението.