Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска информираше дека ресорот економија нема да го скрати буџетот, туку ќе го зголеми во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија како и поттикнување на енергетската ефикасност.

Според него, средствата во оваа програма се со вкупен износ од 70 милиони евра.

-Над 1 200 домаќинства, кои оваа година ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во домовите ќе може да добијат поврат на средства во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20 000 денари по домаќинство за 2023 година. За вградување сончеви термални колекторски системи предвидени се 15 милиони денари за над 1000 домаќинства, а секако дека кофинансирањето ќе биде во висина до 30%, а не повеќе од 15 илјади денари по домаќинство. Третата мерка е надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати, согласно новата одлука која ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталирана моќност во секое домаќинство. Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства како мерка која првпат се спроведува во нашата држава. Значи повратот ќе биде во висина до 30% и не повеќе од 80 000 денари, а дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти како што знаеме обврска е на универзалниот снабдувач вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на РКЕ да им ја плати или надомести дополнително на секое од домаќинствата кое ќе одлучи да направи ваква инвестиција, рече Бектеши на денешната прес-конференција.