На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи и истата да се применува до 30 јуни 2023 година, пренесува Центар.мк.
Со оваа Одлука, највисоката трговска маржа за леб бел (сечен на парчина или цел), шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.
Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.
Имајки во предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа, која треба да влијае на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените сеуште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на Одлуката, со која рокот на примената се продолжува за следните два месеци од оваа година, односно од 30 април до 30 јуни 2023 година.
Владата на Република Северна Македонија, во времетраење на горенаведената Одлука, дополнително има донесено и:
-Одлука за определување највисоки цени во трговијата на мало на свежи јајаца од кокошка и ориз, која ќе се применува до 30 април 2023 година,
-Одлука за определување највисоки цени во трговијата на мало на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, која ќе се применува до 31 мај 2023 година,
-Одлука за определување највисоки цени во трговијата на мало на тестенини (макарони и шпагети) која ќе се применува до 31 мај 2023 година и
-Одлука за определување највисоки цени во трговијата на мало на леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел) која ќе се применува до 31 мај 2023 година.