Владата на синоќешната седница, одржана во 20 часот, донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, кој претседателот Александар Вучиќ го врати на повторно одлучување во Собранието, се вели во соопштението од Владата.
Владата ќе анализира дали и во колкава мера се неопходни измените на Законот за експропријација и само доколку се утврди дека треба да се менува законот, тоа ќе го направи со широка јавна расправа во која ќе се вклучи стручната јавност, професионалните здруженија, бизнис секторот и граѓанското општество, стои во соопштението.
Владата до собранието предложи и измени на законот за референдум и народната иницијатива.
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, денеска за ТВ Пинк потврди дека повеќе нема да се расправа за измените на Законот за експропријација, бидејќи претседателот на Србија го врати на повторно одлучување, а Владата потоа го повлече од процедура, додавајќи дека тоа значи дека се враќа на јавна распарава и дека „прашање е дали и кога воопшто ќе се менува“.
Дачиќ посочи дека процедурата е таква што, кога претседателот на Србија ќе го врати законот за нова одлука, Собранието повторно мора да одлучува за него или Владата го повлекува од процедура.
Кога станува збор за Законот за референдум, Владата испрати предлог амандмани до Собранието, кажа Дачиќ и потсети дека за утре е закажана седница на која пратениците ќе расправаат за тоа.