Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски вели во завршна фаза е подготовката на тендерот за набавка на 120 нови еколошки електрични автобуси, од кои 80 се наменети за Скопје – иницијатива што произлегува од барањата на Градот и општините.

-Јавниот превоз ќе биде на многу попристојно ниво од ова што е сега и очекувам резултатите да бидат до крајот на оваа и почетокот на следната година, нагласи Николоски.

Тој очекува и првата линија на „Градскиот воз” Зелениково – Драчево – Кисела Вода – Аеродром – Центар (Нова железничка станица) да биде во функција до крајот на годинава. Се работи, како што рече синоќа, за голема инвестиција од педесетина милиони евра за сите три предвидени градски линии.

Со новите еколошки електрични автобуси и „Градскиот воз“ Скопје конечно ќе добие нов лик.

Повеќе поенти од вчерашното гостување на министерот Николоски може да погледнете во продолжение:

Николоски: Не оставаме никаков простор за никаков вид соработка со ДУИ

Тој во гостување на ТВ Сител потврди дека премиерот Христијан Мицкоски имал средби изминатиот период со партнерите од Владата. Оцени и дека би било добро и за функционирањето на Владата и за политичкиот живот во Македонија, особено за етничките Албанци, да дојде до смирување на ситуацијата околу наводното излегување на Таравари.

Според Николоски , Владата е стабилна, ВМРО-ДПМНЕ заедно со ЗНАМ има 66 – 67 пратеници што е, рече, многу комотна бројка.

-Точно е дека имаше средби изминатиот период со партнерите од Владата. На дел бев и јас присутен. Разговаравме, комунициравме. Премиерот има многу јасна визија каде сака да се движи државата. Но она што е клучно во неговата визија е едно од трите најважни изборни ветувања. Дека мора да имаме силна битка со организираниот криминал и корупцијата кои беше најмногу олицетворени во ДУИ.  Ветивме дека ДУИ ќе биде и е во опозиција. Затоа, не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ на било кој елемент од Владата и во која било форма. И тука е главната забелешка кон Таравари и неговото однесување. Со целото искуство што го има Таравари, не верувам дека е толку наивен да изврши политичко самоубиство и да заврши во прегратките на ДУИ. Се надевам нема да ме демантира, подвлече Николоски.

За него е премногу шпекулативно Алијанса на Албанците на Села да влезе во Владата.

-Тоа е исто така дел од друштвото на ДУИ. Принципите се исти, во политиката никогаш не се пресекува до крај. Но, ако денес треба да одговорам, би рекол дека е повеќе е шпекулативно, отколку релативно, потенцира Николоски.