Целосна забрана во јавни простори и угостителски објекти
Македонија подготвува значителен пресврт во законската регулатива за пушење. Новиот предлог-закон предвидува забрана за пушење во сите затворени простори од јавен карактер, вклучително ресторани, барови, меани, кантини, а дури и на терасите кои не се целосно отворени од најмалку три страни.
Забраната ќе важи и во автомобили во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, пазари и низа други јавни институции. Со новиот закон, пушењето ќе биде ограничено и за електронски цигари и вејп уреди, а се забранува користење и продажба на ароматизирани тутунски производи.
Ограничување на продажба и рекламирање
Предлог-законот предвидува драстично ограничување на увозот, дистрибуцијата и продажбата на тутунски и никотински производи. Цигарите ќе бидат целосно тргнати од видното поле на купувачите во маркетите и нема да смеат да се рекламираат.
Министерството за здравство истакнува дека овие построги мерки се неопходни за заштита на граѓаните, особено на децата и младите, и за превенција од зависност.
„Со предлог-законот се предвидува воведување појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со фокус на превенција и заштита на децата и младите. Целта на подготвеното законско решение е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување на нови генерации зависници“, велат од Министерството.
Загрижувачки статистики за пушење во Македонија
Според податоците на Фондот за здравство, стапката на пушење кај возрасни надминува 45%, што е значително над европскиот просек. Половината од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а годишно од болести поврзани со пушење умираат околу 4.000 лица.
Новите мерки наскоро ќе бидат објавени на платформата ЕНЕР и ќе се отворат за јавна дебата, а целта е да се заштити здравјето на граѓаните и да се намали бројот на зависници од тутун.
