Помош за студентите од државата
Владата на Република Македонија најави нова мерка со која студентите од државните и приватните универзитети ќе добијат финансиска поддршка во висина од 250 евра за набавка на електронски уреди, како што се лаптопи, таблети или други средства потребни за следење на наставата. Средствата се веќе предвидени во буџетот, а исплатата се очекува да започне од септември 2025, по почетокот на новата академска година.
Како што појасни премиерот Христијан Мицкоски, за да се добие оваа помош, еден од основните услови ќе биде студентот да има заверен семестар. Тоа значи дека и новозапишаните бруцоши ќе мора да го комплетираат процесот на заверка пред да добијат право на финансиската поддршка. Процедурата во Владата веќе е започната, а во тек е дефинирање на критериумите преку Генералниот секретаријат.
Мицкоски: „Што ветуваме – тоа испорачуваме“
„Се доделуваат 250 евра за електронски уреди. Овие пари се веќе ставени во буџетот. Постапката преку Генералниот секретаријат е започната. Се утврдуваат критериумите и разбирливо е дека чекаме новата академска година да започне, бидејќи еден од условите е студентите да имаат заверен семестар. Исто така, ги очекуваме и бруцошите што сега ќе се запишат, да го заверaт семестарот за да ја добијат помошта. Сигурен сум дека ова ќе биде реализирано уште во септември“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата, во која делуваат партиите ВРЕДИ, ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, се стреми сите ветени мерки да ги спроведе навремено, но истакна дека тоа се прави по приоритети, со оглед на бројните проблеми што, како што рече, се наследени од минатото.
„Сè што го ветуваме, тоа и го реализираме, но мора да се движиме според приоритети, бидејќи наследивме многу пропусти и проблеми што треба да се решат“, рече премиерот.
55.000 студенти ќе имаат право на поддршка
Според последните проценки, околу 55.000 студенти од државните и приватните универзитети ќе бидат опфатени со мерката, под услов да имаат заверен семестар. Целта е да се поттикне дигитализацијата во високото образование и да се обезбедат подобри услови за следење на наставата.
„За овие 12 месеци успеавме да санираме многу проблеми што беа оставени зад нас. Еден од тие примери е токму овој објект. Според бројките, околу 55.000 студенти ќе имаат право на овие 250 евра, што ќе можат да ги искористат за купување на електронски уреди од септември“, нагласи Мицкоски.