Владата оди на одмор пред локалните избори
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека министрите од Владата ќе бидат на годишен одмор во периодот од 5 до 15 август. Изјавата ја даде по потпишувањето на меморандум за соработка со турската компанија „Казанџи холдинг АС“. Според него, веднаш по завршувањето на одморот, ќе следува официјализирање на изборната стратегија на коалицијата за претстојните локални избори.
Конструктивни разговори и тековни анализи
„Разговорите се исклучително конструктивни и се движат во позитивна насока. Очекувам официјално соопштение по одморите, некаде во втората половина на август“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека иако Владата ќе паузира десетина дена, анализите и комуникацијата околу коалициските договори ќе продолжат во текот на тој период.
Советнички листи за сите општини, заедничка поддршка за градоначалници
Премиерот нагласи дека разговорите во рамки на владината коалиција веќе се завршени, а во моментов се разгледуваат можности за проширување со нови потенцијални партнери. Коалициските партии ќе настапат со сопствени советнички листи во сите општини, додека кај кандидатите за градоначалници ќе има меѓусебна поддршка.