Премиерот вели дека Владата ќе остане посветена на економијата, реформите и подобрување на животот на граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ, според две анкети направени минатиот месец, е убедливо пред другите партии, но премиерот Христијан Мицкоски нагласува дека партијата нема намера да бара предвремени избори. Тој објаснува дека одлуките се носат од државни, а не од партиски интереси, а Владата останува фокусирана на реформите, економските предизвици и унапредување на животниот стандард на граѓаните.
– Ако гледавме партиски, можеби би оделе на избори, но ние ги гледаме државнички, следната година државата треба да врати долг од 2,2 милијарди евра и да се издаде еврообврзница, а изборите би го запреле процесот на реформи, рече Мицкоски на брифинг со новинарите.
Нови структури во партијата и избори во општинските комитети
Мицкоски најави дека по Конгресот на партијата, кој се одржува викендов и на кој досега е единствен кандидат за претседател, пред крајот на годината или почетокот на следната ќе предложи нов состав на Извршниот комитет пред Централниот комитет. По тоа следува генерален избор во општинските комитети и униите, а целиот процес треба да заврши до крајот на март.
– Осум години луѓето се во структурите и потребно е освежување. По завршувањето на Конгресот, тоа ќе биде мека транзиција за следниот конгрес по четири години, додаде премиерот. Тој спомена и можност да нема потпретседатели во партијата, што е размисла, а не конечна одлука, како и дека ова може да помогне да се избегне фаворизирање на личности.
Реконструкција на Владата и нови министри
Мицкоски ги спомена месеците април и мај како можни за реконструкција на Владата, која треба да заврши пред почетокот на летото, а со новиот состав да се оди на следните редовни парламентарни избори.
Иако во политиката нема ништо сигурно, Мицкоски вели дека нема индикатори за предвремени избори и дека следните парламентарни избори ќе се одржат според предвидениот рок. Владината коалиција, според него, функционира пристојно.
Изборот на министри за испразнетите места по локалните избори треба да заврши до крајот на месецов, кога Собранието ќе ги избере Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за прв вицепремиер и министер за европски прашања.
