Тим од повеќе министерства и од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на правилник за електрични автомобили, но истовремено се изготвуваат и посебни мерки во однос на електромобилноста во државата, информира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој рече дека за две до три недели, кон средината на ноември, ќе биде организиран состанок со компаниите од оваа сфера за да се продискутираат најдобрите решенија.

– Еден пилот проект е веќе готов, го работи германска консултантска куќа за новиот автопат Скопје – Блаце кој Владата сака да е целосно електричен (зелен). Таа студија ќе биде применета во изградбата на автопатот што почна да се реализира пред два месеца – рече тој.

Николоски информира дека  правилникот го работат неколку ресори (транспорт, енергетика, економија) и РКЕ.

-Дефинитивно тоа е нешто што ќе биде усвоено и паралелно подготвуваме одредени мерки кои треба да се во оваа насока – доколку сакаме да имаме зелена транзиција, мора да ги стимулираме луѓето да се насочуваат кон ваков тип возила. Кога ќе сме готови? Очекувам да не е повеќе од две до три недели, средина на ноември ќе ве поканиме сите од овој бизнис заеднички да поразговараме, да имаме состанок, за да видиме кои би биле најдобрите решенија. Сакаме да слушнеме од вас, зашто вие секој ден сте во оваа работа и далеку подобро знаете што е потребно на пазарот – рече Николоски.

Како што беше речено, просечната старост на возилата во Македонија е 20 години.