Како што информира владината прес-служба, членовите на Штабот заземајќи одделни ставови и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, донесоа предлози за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19 кои како одлуки ќе бидат разгледани на утрешната владина седница.
-На денешниот состанок се разговараше и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено, да важи и потврда за прележан КОВИД-19, за период до 45 дена од оздравувањето, соопшти прес-службата по состанокот на ГККШ кој го водеше премиерот Зоран Заев.
Во однос на состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, министерот за здравство Венко Филипче ги информираше членовите на Кризниот штаб дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.
Филипче изразил задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки кои важат од денеска. На состанокот е истакнато и дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.
На предлог на Министерството за образование и наука, на состанокот е оценето и дека се создадени услови почетокот на новата учебна година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во Одлука која ќе биде донесена на наредната Владина седница.
Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ, е големиот број вакцинирани наставници и училиштен кадар, како и изработените протоколите за настава во училиштата