Две компании веќе доставиле понуди за да ја снабдуваат Македонија со природен гас по Нова Година. Министерот за економија потврди дека веќе има фирми кои се подготвени да го преземат бизнисот на Макпетрол според новите услови со кои државата планира да го либерализира пазарот на гас во земјава.
Бектеши изјави дека по Нова Година ќе има гас за греење на главниот град, но и за
училиштата, болниците и бизнисот. Тој изрази надеж дека ќе се пријават голем број
компании кои се подготвени да работат на пазарот под новите услови.
Но, новите услови се уште не се познати. Нив, Регулаторната комисија за енергетика
ќе ги официјализира веројатно денеска, пишува „Експрес“.
Либерализацијата на пазарот со природен гас треба да почне по Нова Година. Новите
услови кои беа поставени го натераа Макпетрол да се повлече од бизнисот поради
неисплатливост, оставајќи го редовното снабдување во неизвесност. Во медиумите
веќе се шпекулираше дека либерализацијата се готви за да им се овозможи на две
компании блиски на СДСМ и ДУИ да го преземат бизнисот, наводи кои надлежните
експресно ги демантираа.