Градоначалникот на општина Свети Николе Дејан Владев, во гостување во емисијата „Добро утро, секое утро“ на телевизија Алфа, изјави дека како локална самоуправа би ги овозможиле сите услови за да дојдат компаниите и отворат нови работни места за граѓаните.

Владев се пожали дека при стапување на функцијата градоначалник наследил енормен долг, но и запоставени и заборавени работи од страна на претходниот градоначалник. Тој истакна, дека и покрај наследените долгови, во следните две години од мандатот ќе се насочи кон асфалтирање на улиците, поставување на канализациона мрежа, како и подобрување на условите на училиштата и градинките.

Наследивме доста работи запоставени, значи последниот месец дена да не кажам секој втор ден сум во Скопје, дали по министерствата за образование и транспорт и врски, па дури и животна средина за да ги откочам некои работи кои што беа оставени, запоставени, заборавени, за да во 2022 година ни биде успешна година и да реализираме доста проекти. Треба да се реализираат закочените проекти, а и многу нови.

-Свети Николе за жал е место каде што еден дел од градот се уште нема канализација, ниту пак асфалтирани патишта. А, за селата да не зборуваме. Затоа кажав многу е лесно да напишеш програма во која што ќе има слики и разно разни ветувања, а да не се исполни ништо. Затоа реков во првите две години од мојот мандат ќе ги насочам исклучиво кон тоа да се асфалтираат улиците, да се стави канализација дали фекална, дали атмосферска, да се изградат водоводите таму каде што нема. Потребно е да ги подобриме условите на училиштата, градинките, парковите. Потребно е повеќе зеленило во општината нормално, кон тоа и се стремиме – истакна Владев.