Најнапред, сакам да ви се заблагодарам за вашето присуство и за победничката атмосфера која владее во општина Свети Николе.Да го поздравиме со еден огромен аплауз и да му посакаме топло добредојде во победничко Свети Николе на претседателот на ВМРО ДПМНЕ и на идниот премиер на Република Македонија, проф. д-р. Христијан Мицкоски.Почитувани мои сограѓани, голема е честа денес да ви се обратам како кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО -ДПМНЕ за нашето убаво Свети Николе, го започна своето обраќање Дејан Владев.
Уште поголема е одговорноста зашто довербата мора да биде да биде и оправдана.Нашите денешни гости се пристигнати во Свети Николе по автопатот Скопје-Штип. Автопат кој го изгради Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за кој на оваа ненародна власт и требаа дури две години за да го пушти во употреба и сега да се кити со туѓи проекти, дали не чувствуваат срам? Патот ги водел по улицата „ Филип 2“. Ѓубре од двете страни на улицата, дупки , изместена и уништена хоризонтална сигнализација.Тоа е првата слика за нашиот град. Ако случајно тргнале по улицата „ Орце Николов“ морале да возат слалом за да безбедно ги поминат сите ископани делови на улицата. Тоа е реалноста во Свети Николе.
Според него, реалност е и неисчистеното, обраснато во вегетација, преполно со ѓубре речно корито.
И не е нечисто само коритото, целиот град е затрупан со смет. Полни контејнери канти, неизметени улици и расфрлана пластика.
Дали почитувани сограѓани го заслужуваме ова? Дали треба да се согласиме да живееме вака?
Сведоци сме за ветувањата кои ги слушавме изминатите четири години. Четири години имавме локална самоуправа на апатија, безнадежност и лажни ветувања. Четири години ветуваа, но видовме дека од нивните ветувања останаа само празни зборови. Незадоволството на граѓаните се чувствува на секој чекор, на секоја улица, во секој дом.
Оваа неспособна владејачка гарнитура не само што не ги исполни очекувањата на граѓаните, туку и ги упропастија сите можности со нивната безидејност, немање на план, сеењето на страв и закани. Народот го фрлија во колективна апатија, наметнувајќи го чувството дека сите се исти. Но, не се сите исти. Да се потсетиме накратко на само еден мал дел од нивните ветувања: Дали донесоа живот за сите? Дали денес живееме подобро? Дали ја внесоа Република Македонија во ЕУ? Дали ги покачија платите, го подобрија ли животниот стандард, донесоа ли бесплатно здравство? Ставија ли крај на беззаконието или самите се главата на канцерот на една држава наречено корупција и криминал?
Владев смета дека е Крајно време е да кажеме доста ! Народот знае да направи разлика. Да зачекориме храбро напред со јасна визија и апатијата да ја замениме со надеж која е повеќе од неопходна.
Локалните избори се избори од кои луѓето очекуваат инфраструктурни решенија, локални проекти,улици, патишта, градинки, училишта, спортски и рекреативни места. Тие играат на картата кратка меморија на народот, се што ветиле тие, ние граѓаните треба да заборавиме.
А ветуваа многу, современи училишта, спортски сали, базен, детски градинки, гасификација, куќа на спортот, Младински културен центар, монтажни гаражи ,стационар за кучиња, канализации , асфалт.
Тој праша што добивме од сето тоа?
Улиците никогаш не биле во покатастрофална состојба. Нечистотијата стана главно обележје на Свети Николе. Речното корито е главен колектор на фекалии. Сите сме сведоци на непријатната миризба која постојано се шири низ градот како резултат на нерешени проблеми со канализационата мрежа. Како мислат да дадат отчет за потрошените пари за прочистителната станица која не функционира? Како ќе ги оправдаат 100 000 евра за паркингот и поставените камери низ градот?
Според кандидатот долга е листата на нивните погрешни и криминални потези, а уште поголема е листата на нивната неспособност и безидејност да направат нешто. Замислете, во листата на нивните реализирани проекти на летоците кои ги дистрибутираат деновиве низ градот стои автопатот Штип-Миладиновци-Скопје, стои Градскиот пазар. Китењето со туѓи перја навистина им дава комична црта.
И сега, насетувајќи го крајот, распишале тендер за изградба на затворен базен, изградба на градинки. Која иронија е само во прашање. Давеникот се фаќа за сламка.
Затоа, почитувани граѓани, на овие избори ќе гласаме за се она што значи наш, заеднички интерес. Крајно време е граѓаните на општината, селата и другите рурални средини да почувствуваат бенефити и придвижување во прогресивна линија, линија што значи чекор со Европа.
Во непосредните разговори со моите сограѓани, ја почувствував чистата и искрена енергија за промените кои од најмлад, до најстар очекуваат да им се случат. Луѓето знаат да направат разлика, а ние знаеме како. Ајде, заеднички да ја победиме неспособноста. Заеднички да се избориме за просперитетна Македонија, за просперитетно Свети Николе, за урбано градче. Да поставиме прави луѓе на вистински места и заеднички да ја победиме неспособноста. Да побараме одговорност за сите беззаконија, за националните понижувања и за сето зло и пустош што го оставија зад себе.
Тој недвомислено рече.
Приоритет на мене и мојот тим ќе ни биде здравјето на граѓаните и заштита на животната средина затоа прочистителната станица мора и ќе биде во целосен погон.
Ќе имаме чисто речно корито кое освен функционално ќе биде и естетски уредено со партерно обележана патека и осветлување.
Демографската слика во селата е лоша со децении наназад, затоа секое село мора да има канализации, асфалтирани улици и детски игралишта. Селата се дел од нашата општина.Ќе се трудиме условите за живот во село да ги изедначиме со градот, затоа што жителите на нашите села тоа го заслужуваат.
Мора да ги асфалтираме сите улици во градот, сите улици во градот кои не се алфалтирани, пет шест улици во градот каде што се изградени нови куќи со години тие немаат асфалтирани улици, тоа нам ќе ни биде приоритет, уште во првата година, ќе почнеме со асфалтирање на овие улици.
А што да кажеме за младите, мора да мислиме за нашите млади генерации, човекот кој во себе не гледа дете не знае што е радоста на животот.
Затоа новиот парк ќе добие нов модерен лик , со амфитеатар, памп трак со мини фитнес катче и скејт рампи , модерно детско и спортско игралиште.
Ќе го афирмираме спортот со изградба на спортска сала, со обновување на кошаркарското и ракометарско игралиште како и на градскиот стадион.
Базен во Свети николе мора да има и ќе има, но не како што кажува досегашниот градоначалник, базенот ќе се направи да биде функционален и д абиде за сите граѓани, не само градски базен туку ќе овозможиме услови да можат приватни лица да обезбедат базени од типот како Гарденија во Велес. Граѓаните и спопанствениците тоа го заслужуваат.
Ќе им ги отстапиме празните простории во Домот на културата на младите каде ќе можат да се дружат и творат, ова да прерасне во Младински културан центар што го бараат младите со години
Решавање на сообраќајниот хаос со нови паркинг места, хоризонтална сигнализација, поставување на автобуски постројќи.
Посебно горд ќе бидам на проектот за зачувување на старата градска чаршија која ќе го доживее сјајот како во педесетите години, со нови фасади, од времето на сјајот на Свети Николе.
Била зора беше запуштена комплетно запуштена од сегашната власт, а таа мора да биде и ќе биде туристичка атракција.
Мора да ветам дека посебно внимание ќе посветиме на акумулацијата Мавровица, таа да прерасне во место погодно за викенд, опуштање и релаксација, да ја приближиме на нашите, но и посетителите од соседните градови. Ќе изградиме пристапни патеки, ќе овозможиме за сите овие кои сакаат да инвестираат и ќе изградиме капацитет каде ќе можеме сите да се забавуваме, а да не одиме во соседните општини.
Ќе го развиваме алтернативниот туризам, ќе овозможиме граѓаните на нашата држава и странските туристи да се запознаат со убавините на нашите села, нашите туристички места, нашата традиција и обичаи.
Свети Николе ќе биде модерно и пристојно место за живеењ тоа ви го ветувам.
Гордо и достоинствено ќе ја презентираме нашата програма бидејќи сме сигурни во нашите чесни намери и во огромната мотивација и енергија што ја имаме. И јасно и недвосмислено ќе им ја испратиме пораката: Не ви се плашиме и покрај сите притисоци и закани кои секојдневно ги чувствуваме како поединци, граѓани и како партија.
Сакам да упатам порака дека сме решени и истрајни до зацртаната цел и ништо нема да не поколеба во тоа, ниту централната и локална власт, со сите механизми што им стојат на располагање , ниту пак од режираната и непринципиелна коалиција предводена од истрошени политичари со сомнително минато, оставена како кукавичко јајце пред вратите на сите вас, мои сограѓани.
Затоа, побара Владев главата горе македонски народе, доаѓаат поубави денови за Република Македонија. Да не дозволиме да надвладее дефетизмот, ќе победи народот, ќе победи правдата, ќе ја вратиме вербата во подобро утро за секој наш сограѓанин.
Затоа стојам гордо исправен пред вас, со чист образ и ја барам вашата доверба и вашата безрезервна поддршка и нормално поддршката за листата на советници од ВМРО-ДПМНЕ, заврши Владев