Владината делегација се поклони и положи венци свежо цвеќе на спомениците на народните херои Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на споменикот „Жена борец“, по што ја посети Алејата на народните херои за да им оддаде почит на жртвите во народно-ослободителната војна од Прилеп, град кој даде 650 жртви, и се гордее со 15-те народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“.

Венци свежо цвеќе на споменичните места од народно-ослободителната војна денеска положија и други делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство.

Како што најави владината прес-служба, државната програма за одбележување на 11 Октомври – Ден на народното востание и 80 години од овој настан продолжува на Могилата на непобедените во Прилеп со програма која предвидува полагање венци свежо цвеќе и соодветни содржини за чествување на празникот.

На Могилата на непобедените делегацијата на Владата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, кој заедно со другите делегации, гости и граѓаните од Прилеп и од државата, ќе ја проследат празничната програма и обраќањата на претседателот Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.