Млад македонски државјанин, кој во Турција се здобил со тешка повреда – скршеница на вратен пршлен, ќе биде транспортиран во Македонија со владиниот авион.
Според неофицијални информации, во тек се последните подготовки за летот, откако родителите побарале помош од македонските институции за негово безбедно враќање во земјава.
Момчето е хоспитализирано во Турција, а поради сериозноста на повредата не може да биде транспортирано со редовен комерцијален лет. Во авионот ќе патува и медицински тим кој ќе ја следи неговата состојба за време на транспортот.
Бидејќи Македонија нема специјализиран медицински транспортен авион, за овој случај ќе биде употребен малиот владин авион. По пристигнувањето во земјава, момчето ќе го продолжи лекувањето во домашна здравствена установа.
Поради ограничениот капацитет и опременост на владиниот авион, ваквите медицински евакуации почесто се организираат со чартер летови, но во овој случај неговата употреба е можна.
