Во владината коалиција има различни позиции за новиот закон за правична застапеност кој ќе ја регулира етничката застапеност во јавната администрација. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека сè уште не видел конкретен нацрт-закон од коалицискиот партнер ВЛЕН и дека законското решение може а оди во две насоки: или целосно нов закон или вградување на одредби за правична застапеност во новите закони за реформи во јавната администрација. Според Минчев, не е формирана работна група, и не треба да се избрзува со одлуките.
ВЛЕН тврди дека постои работна група и дека Минчев е член
Од ВЛЕН го оспорија ставот на Минчев, наведувајќи дека работната група е веќе формирана и активно работи на изготвување на предлог-законот. Пратеникот Халил Снопче од ВЛЕН посочи дека работната група навистина постои и дека Минчев е дел од неа.
-
„Не сум ја слушнал изјавата на министерот, но знам дека тој е дел од оваа работна група,“ изјави Снопче. „Не само што има нацрт-верзија, туку не ја исклучуваме можноста да има сосема нова верзија која ќе го реши овој проблем.“
Снопче објасни дека групата, составена од претставници на ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, веќе одржала две средби и дека процесот се одвива со цел постигнување согласност за најдоброто решение.
Нацрт-законот за правична застапеност ќе оди на евалуација до Венецијанската комисија
По укинувањето на законските одредби за правична етничка застапеност од страна на Уставниот суд, ВЛЕН најави дека ќе предложи нов и подобрен закон. Без разлика на конечниот текст, предлог-законот ќе биде испратен до Венецијанската комисија за евалуација. Дополнително, Европскиот фронт најави интерес за поднесување сопствен предлог за регулирање на правичната застапеност во администрацијата, со цел унапредување на етничката рамнотежа во јавниот сектор.