Владата забрзано го подготвува теренот за уставните измени. Во следните неколку недели и месеци ова прашање ќе биде актуелизирано надебати со граѓанските организации и експерти, што ќе биде вовед во продолжението на оваа процедура внатре во Собранието, која што треба да финишира до ноември.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на прес-конференција на која што информираше за досегашниот скрининг, рече дека политичкото значење на процесот е многу позначајно од само уставни промени на еден дел од Преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците. „Овие уставни амандмани имаат значење на практично ‘зелено светло’ од Собранието за продолжување на преговорите со ЕУ“, вели Маричиќ.
Евроамбасадорот Дејвид Гир повтори дека уставните измени произлегуваат од обврската која што ја презема земјата во однос на билатерални односи со Бугарија, а во рамките на процесот на пристапување кон ЕУ. „Тоа е одлука што треба да ја донесе оваа земја, која што веќе има добар историјат на добрососедски односи, кои треба да ги зајакне и понатаму, без притоа да се поткопа идентитетот на народот на оваа држава. Ако уставните измени не се спроведат, ќе дојде до застој во процесот, а што би се случило понатаму не можам да кажам“, оцени амбасадор на ЕУ во Северна Македонија.
„Прво во однос на скринингот точно е дека напредува добро, а претставниците на властите односно стручните лица се добро подготвени и е процес што добро се одвива и продолжува понатаму тоа се добрите вести. Меѓутоа, скринингот не е единствената работа, друга многу важна работа е спроведувањето на реформите и тука секако дека играат улога повеќе чинители задолжени за тоа, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата“, рече Гир.
Прашан за уставните измени и што доколку не успее тоа, Гир рече дека верува оти би дошло до некој застој и дека не може да каже што би се случувало потоа. Кога станува збор, пак, за двотретинското мнозинство, евроамбасадорот додаде дека тоа е внатрешно прашање.
Таа промена, како што нагласи, е суверена одлука што треба да ја донесе оваа земја. Гир потенцира и дека идентитетот не се губи на патот кон ЕУ.
„Државата има добар историјат на меѓуетнички односи и сметам дека ќе донесе одлука што ќе ги зајакне уште повеќе, без притоа да се поткопа или на некаков начин наруши идентитетот на оваа земја, затоа што идентитетот не се губи на патот кон ЕУ. Меѓутоа бидејќи оваа измена е дел од Договорот којшто беше направен со цел започнување и продолжување со пристапните договори доколку не се направи тоа, верувам дека ќе дојде до одреден застој, а понатаму што би било не би можел да кажам“, додаде Гир.