Ваквиот епилог е можен преку законски измени што би се донеле во Собрание, а министерот вели дека тоа ќе се случи ако се постигне консензус со сите парламентарни партии
По контроверзните случувања во Судскиот совет, власта и опозицијата деновиве ќе разговараат за целосно распуштање на ова тело.
Ова го најави министерот за правда Кренар Лога одговарајќи на новинарски прашања, како едно од можните решенија по загрижувачките настани последниот период.
„Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“,
изјави министерот за правда Кренар Лога.
Повеќе информации, рече тој, ќе има следните денови откако ќе се разговара и со опозицијата во Собранието.
„Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите коишто може ние да ги имаме како решение“,
појасни министерот.
Лога рече и дека сè уште не ги добил сите записници од седниците на Судскиот совет, кои тој ги побара по случувањата со разрешувањето на претходната претседателка Весна Дамева. Како што рече, не добиле записник од таа седница, а нема ниту објаснување зошто.
„За жал записникот што ние го бараме, до ден денеска не е доставен до Министерството“,
изјави Лога.
Во одговор на новинарски прашања, министерот го коментираше и последното истражување на ОБСЕ кое покажа поразителни резултати за правосудството, при што рече дека е загрижен за бројките и податоците не само од овој туку и од извештаите на сите други институции во државата и меѓународната заедница.
Лока најави и оти при крај е Стратегијата за 2023-2027 година, во чија работна група се дел од институциите, истакнати професори, академци, кои, како што посочи, ќе кажат како да се справиме со овој голем предизвик во судството.