Пратениците од власта и опозицијата остануваат на своите ставови пред почетокот на денешната собраниска седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измени на Уставот.

Според СДСМ, денешната седница ќе покаже дали ВМРО-ДПМНЕ е за или против Европската унија. Измените на Уставот, велат оттаму, се потребни за да продолжи евроинтегративниот процес и отворањето на поглавјата од процесот на преговори.

– Седницата е последна можност, да покаже Мицкоски дали избрал интеграција во ЕУ или е за изолација, седнат во скутот на Левица. Доколку ја одбере Левица и анти-европскиот блок Мицкоски отворено застанува против Македонија, против врвните национални и државни интереси на македонската држава-членство во ЕУ, информираа од СДСМ.

Од ДУИ сметаат дека денешната седница е одлучувачка за европската иднина на државата и апелираат до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска улога.

– Овој историски момент не треба и не можеме да го изгубиме, изјави пратеничката Арта Зендели пред почетокот на собраниската седница.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не даде поддршка за уставните измени.

– НЕ за уставни измени! Македонскиот народ има своја засебна историја, култура и свој македонски јазик, а Македонија јасен државно – политички континуитет. Македонија е реализација на желбите за независна држава на вековните копнежи и борби на Македонците! Затоа ниедна наметната власт, ниедна сила и притисок не може да не натераат да се избришеме, напиша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на „Фејсбук“.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов очекува брзо да заврши пленарната седница и дека ќе нема мнозинство за уставните измени.

– Очекувам за многу брзо да заврши седницата и да не се гласа се до новиот парламентарен состав. Денеска седницата ќе заврши многу брзо и нема да има мнозинство за да се донесат промените за Уставот и ќе се развлекува тоа. Така да, тоа е засега мојата проценка, изјави Трајанов пред почетокот на седницата.

Од „Алтернатива“ сметаат дека седницата нема да заврши денеска и дека овој процес ќе потрае, додека независниот пратеник Скендер Реџепи во изјава за медиумите дадена пред почетокот на сендицата рече дека нема можности за уставни измени.

Пленарната седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за приспатување кон измена на Уставот беше закажана во 11 часот, но се уште не е почната.