Почина Александар Карадакоски, 60-та жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“

Министерството за надворешни работи информира дека е започната постапката за транспорт на телото на Александар Карадакоски од Литванија, кој стана шеесеттата жртва на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Почина Александар Карадаковски – управителот на дискотеката „Пулс“ во Кочани

Транспортот на телото е во тек, институциите во координација

Преку амбасадата во Варшава, МНР е во комуникација со семејството и со литванските институции. Во моментов, се преземаат сите неопходни конзуларни и логистички чекори за враќање на телото во Македонија. Обдукцијата ќе биде извршена во Судска медицина.

Тешките повреди беа фатални за Карадакоски

Александар Карадакоски (29), управител на хартија и шанкер во дискотеката, подлегна на повредите здобиени од пожарот. Според медицинскиот извештај, тој вдишал голема количина чад, што довело до оштетување на 90% од дишните патишта. Дополнително, имал изгореници на 40% од телото и откажување на бубрезите. На 1-ви април бил ставен на дијализа, но неговата состојба постојано се влошувала.

„Колегите од Литванија потврдија дека бил оштетен голем дел од дишното стебло кај Карадакоски, поради што дошло до неговото влошување и смрт,“ изјави д-р Небојша Настов од Клиниката „Свети Наум Охридски“.

Критични пациенти и понатаму се борат за живот

Во странство сè уште се лекуваат 69 повредени, додека 9 се во македонски болници. Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека тројца пациенти се во критична состојба, додека кај околу дваесетмина се извршува интензивна терапија и се интубирани.

„Тројца се во особено тешка состојба, но се прави сè што е можно,“ посочи министерот Таравари.

Истрагата против Карадакоски беше запрена

Иако Карадакоски беше меѓу 27-те осомничени за трагедијата, Јавното обвинителство ја запре постапката против него. Тој, иако формално управител, во објектот работел како шанкер.

Пожарот од Пулс останува една од најголемите трагредии досега

Со 60 жртви и десетици повредени, пожарот во „Пулс“ останува една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија. Смртта на Карадакоски е уште еден потсетник за потребата од системски одговор, транспарентна истрага и поддршка за преживеаните и семејствата на жртвите.