Агрометеоролозите очекуваат дека Влажниот бран ќе ја подобри состојбата со влагата во почвата и ќе ја ублажи сушата

Влажниот бран што ја зафати земјава се очекува да ја подобри состојбата во земјоделството, соопштија агрометеоролозите од УХМР. Тие посочуваат дека поради високите температури кои минатата недела надминуваа 40 степени, сите култури се изложени на топлотен стрес.

Топлото време, според експертите, доведе до зголемено испарување и од почвата и од растенијата, преку процесот на транспирација.

„Со намалување на резервите за вода во почвата, доаѓа до појава на суша. Ова го покажува и пресметката на стандардизираниот индекс на суша со кој се оценува метеоролошката суша. Пресметаните вредности покажуваат тенденција од умерена кон јака до екстремна суша. Загрозени се сите култури – пролетните, окопните, индустриските, градинарските, овошките и виновата лоза. Особено е критично во подрачјата каде нема доволно услови за систематско наводнување. Загрозени се и повеќегодишните култури каде резервите на влага во подлабоките слоеви постојано се намалуваат“, укажуваат од УХМР.

Според нив, овој период е критичен особено за одредени сорти винова лоза кои се на почеток на фазата на зреење.

  • „Повеќето култури, како овошките, се во фаза на берба. Некои сорти, пак, на винова лоза се во фенофаза почеток на зреење – прошарок кај зрната. Во таа фаза се случуваат значајни морфолошки и физиолошки промени во зрното. Продолжува неговиот пораст и, доколку нема доволно влага, зрната остануваат ситни. Затоа, важно е виновата лоза во овој период да биде соодветно снабдена со вода. Дестабилизирањето на времето кое се очекува на почетокот на неделава и најавените врнежи ќе влијаат позитивно. Се очекува подобрување на состојбата со влага во почвата“, соопштуваат од УХМР.

Агрометеоролозите наведуваат дека земјоделските производители може да продолжат со редовните активности. Тие препорачуваат наводнување, уништување плевели, заштита од болести и штетници, и следење на посевите. Меѓу мерките што ги посочуваат се и изведување работи во поле и примена на други агротехнички практики.