„Пописот како предавство“ – ВЛЕН со тешки обвинувања кон ДУИ за манипулации и намалување на бројот на Албанците
Коалицијата ВЛЕН остро ја нападна Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја за повеќе од две децении „деструктивна власт“ која, според нив, довела не до развој, туку до масовно иселување на Албанците од Македонија. Особено се истакнува пописот од 2021 година, кој ВЛЕН го нарекува „срамно предавство“ и средство за статистичко избришување на Албанците што останале во земјата.
„Наместо пописот да биде огледало на реалноста, тој стана алатка за прикривање на вистината и за политички криминал, додека раководството на ДУИ молчеше“,
порачуваат од ВЛЕН, додавајќи дека нема молк што ќе ги спаси од одговорност оние кои, според нив, ја продале вистината за лични и партиски интереси.
Документирани примери од терен: повеќе гласачи од регистрирани жители
Коалицијата објави конкретни примери за кои тврдат дека се докази за сериозни манипулации во пописот, особено во струшкиот регион:
„Во Ладожишта се регистрирани 1.344 полнолетни жители, а гласале 2.397 – над 1.000 повеќе“
„Во Велешта, според пописот има 2.196 жители, но на изборите гласале 2.377 – речиси 200 повеќе“
„Во Ливадија, исто така, бројот на гласачи е поголем од бројот на регистрирани жители“
Ваквите бројки, според ВЛЕН, укажуваат на свесна намера да се намали бројот на Албанците преку политички прифатена методологија, зад која стои токму ДУИ.
„ЗОШТО“ како политички обвиненија
Од ВЛЕН директно обвинуваат:
„Зошто дозволивте дијаспората да биде третирана како нерезидентна, кога токму таа го одржува економскиот живот во Македонија?“
„Зошто се прифати методологија што го намалува бројот на Албанците?“
„Зошто Албанците што живеат надвор од државата се одвоени од своите корени и бројки?“
Според нив, овие прашања се повеќе од логични дилеми. Според ВЛЕН тие се директни обвиненија за политичка издаја.
„ДУИ можеби мисли дека молкот ќе биде доволен, но се лаже. ВЛЕН нема да престане да ја открива вистината која е премачкана со лаги“,
нагласуваат од коалицијата, додавајќи дека ова е само почетокот на нивната кампања за разоткривање на пописниот скандал.