Партиите што ја сочинуваат коалицијата „Влен“ размислуваат за обединување во една политичка партија по локалните избори, откри лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари.

“До локалните избори нема да има никакво спојување, но по нив постои можност сите четири партии од коалицијата да се обединат во една,” изјави Таравари за Радио Слободна Европа.

Тој најави и жалба до Апелациониот суд по одлуката на Основниот суд во Тетово за тоа кој е легитимен претседател на Алијансата за Албанците. Според него, поважно од тоа кој формално ја води партијата е кој ја има поддршката од членовите.

Осврнувајќи се на уставните измени, Таравари истакна дека коалицијата „Влен“ и натаму ќе инсистира на нивното спроведување, но потенцираше дека без согласност од ВМРО-ДПМНЕ, промените се невозможни.

“Очигледно е дека без ВМРО-ДПМНЕ нема формула за уставни промени. Ние ќе продолжиме да инсистираме, но мора да се постигне договор,” изјави тој.

Разговорите за уставните измени и можната реорганизација на коалицијата „Влен“ остануваат во фокусот на политичките случувања по локалните избори.