Обвинувања за манипулација со бројките, поделба на Албанците и „тајна статистика“

Движењето „Влен“ денеска остро го критикуваше пописот на населението од 2021 година, нарекувајќи го „политички проект“ со цел, како што велат, „сведување на Албанците на хартија“ и нивно исклучување од статистиката и процесите на одлучување.

  • „Нашата дијаспора, која со децении ја одржуваше економијата на оваа земја, беше третирана како невидлива, како статистички безвредна, како проблем што треба да се избегне. Но зошто? Затоа што дијаспората не можеше да биде контролирана од ДУИ“, изјави Блерим Сејдиу на денешната прес-конференција.

Сејдиу обвини дека со потпис од ДУИ и техничка имплементација од СДСМ, Државниот завод за статистика бил претворен во инструмент за манипулација, делeјќи ги Албанците на „резиденти“ и „нерезиденти“, со цел да се исклучат илјадници Албанци од дијаспората од вкупниот број.

Парадоксални бројки и фантомска категорија

Според „Влен“, оваа поделба не била грешка, туку цинична калкулација по принципот: колку помалку Албанци се прикажани, толку помала е „опасноста“ за власта.

  • „Јавно прашуваме: Како е можно во Речица на пописот да се брои само 1.653 Албанци над 18 години, додека на последните избори само за албанските партии беа дадени над 2.400 гласови?“, праша Сејдиу.

Тој го посочи и случајот со село Желино, каде според него има 3432 жители, но 4103 гласачи, како и село Стримич со 1937 регистрирани жители и 2644 гласачи. Овие податоци, според „Влен“, укажуваат на неконзистентност во бројките и можни злоупотреби.

Како најспорна ја истакна и категоријата „лица за кои се добиени податоци од административни извори“, која, како што тврди, не постои во ниту еден закон, но сепак произвела над 132.000 „непознати“ жители, главно Македонци, додека вистинските Албанци биле изоставени.

Уставниот суд и „моралната казна“

Сејдиу потсети дека Уставниот суд пред два дена ја поништи поделбата „резидент/нерезидент“, оценувајќи ја како неуставна, што тој го нарече „победа за вистината и морална казна за предавниците на националниот интерес“.

  • „Ние во ВЛЕН не правиме калкулации со нашиот народ. Не се плашиме од дијаспората, напротив, ние сме нејзин глас. Не ги препознаваме ‘добрите’ и ‘непожелните’ Албанци според интересите на владата“, рече Сејдиу.

Тој порача дека Влен нема да запре додека не се исправи неправдата, бидејќи, како што нагласи, секој Албанец има место во процесот на донесување одлуки.