Општинскиот суд во Босанска Крупа донесе пресуда за сторителот кој во моментот на делото имал 14 години и бил индоктриниран во исламски радикализам. Малолетникот е префрлен во поправен дом во Орашје, каде ќе ја издржува казната. Истрагата за случајот сè уште не е целосно завршена.

По нападот беа уапсени осум лица осомничени за индоктринација на малолетникот, а петмина и понатаму се под мерки за ограничување на движењето.

Настанот се случи навечер при влез во полициската станица во Босанска Крупа, кога напаѓачот извикувал „Алаху Акбар“, со нож смртно го рани полицаецот Озрен Маран и тешко го повреди неговиот колега Авда Хасановиќ.

Хасановиќ изјави дека го зграпчил малолетникот, додека неговиот колега се приближил со палка за да му го оттргне ножот: „Во тој момент, тој човек го прободе Маран со нож. Го држев за главата, а не за рацете. Сè беше рефлексивно и брзо. Ножот испадна, успеа да го удри откако ме прободе мене. Во тоа борење, добив рана на лицето и грбот од ножот, и тој се бореше.“