Постои тесен контакт меѓу германските економски тенденции и македонскиот развој. Повеќе од 100 години дуалното образование на професионален план покажа дека на овој начин младите може да се едуцираат и да изградат свое место во државата и приватниот бизнис океан, смета ректорот на Државниот дуален универзитет од Манхајм (DHBW), Георг Наглер.
Наглер беше дел од германската делегација која престојуваше во земјава и која имаше средба со претставници на Делегацијата на германското стопанство. На средбата присуствуваше и заменик-амбасадорот и раководител на економскиот оддел во германската Амбасада, Ото Граф, а во делегацијата беа и претставници од Управата на Институтот во Хајделберг и Баден-Виртемберг.
Како што информира Институтот за бизнис и менаџмент, фокус на средбата беше воведувањето и адаптацијата на германските дуални високообразовни студии во Северна Македонија.
-Германската амбасада активно ја поддржува оваа иницијатива за трансформирање на македонскиот образовен систем преку воведување на дуалниот концепт, со трансфер на знаење и практики од најдобрите универзитети / школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт. Разговараме за можности да се воспостави понатамошна опција за образование на младите и јас сум голем оптимист дека ќе најдеме решение за ова да продолжи, изјави заменик-амбасадорот Граф
Делегацијата на германското стопанство ја претставуваше Дејан Чуповски, проектен менаџер за дуално стручно образование. Тој посочи дека програмата за дуално стручно образование се спроведува од 2017 година.
-Тука сме да ја процениме состојбата и да откриеме дали има можности за воспоставување програма за дуални студии на универзитетско ниво, истакна Чуповски.
Германските претставници беа претседателот на Управниот одбор на Институтот за бизнис и менаџмент ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје, Улрих Цајтел, извршниот директор на ФОРУМ Институтот за менаџмент и професор на Хајделберг Универзитетот во Германија, Бриџит Спилман (член на Одборот на Институтот Хајделберг), како и консултантот за образование во DHBW, Торге Фишер.
-Институтот почнува ново поглавје во неговото, речиси петгодишно постоење, со целосно ребрендирање и реструктурирање како IBMHS – STATE DUAL UNIVERSITY STUDIES. За таа цел, во периодов што следува, предвидена е поинтензивна комуникација со сите чинители на бизнис секторот и државата, во насока на соработка за вмрежување на германските и домашни компании, преку новиот концепт на учење и работа кои се во ТИРЗ и надвор од нив, со таргетирани мерки и програми согласно концептот на дуалното високо образование. Првата јавна дебата која е предвидена како панел дискусија, во рамките на Институтот Хајделберг, ТИРЗ, Македонско-германското стопанско здружение (МГСЗ), стопанските комори и Амбасадата на Германија во Скопје, ќе биде посветена на „Германското дуално високо образование и врската со бизнис секторот“, се наведува во соопштението.
Настанот ќе се одржи на 22 јули 2022 година, а се очекува слободна дебата и размена на аргументи со цел трансформација на досегашните практики и одговор на новите пазарни побарувања. Поконкретно, ќе се дискутира за потребата од трансформација во образовните процеси, недостиг на кадри, младинска невработеност и работна миграција на младите во земјите од ЕУ, со особен фокус на адаптација на германскиот дуален високообразовен модел во нашата земја.