Обвинувања за „национално предавство“ и штета по идентитетот
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави соопштение во кое упатува сериозни обвинувања кон СДС за, како што наведуваат, загрозување на националните интереси. Во реакцијата се посочува дека политиките на СДС водат кон штета по македонскиот идентитет и дополнителни притисоци врз државата.
„Дали СДС е свесен дека цената на ова што го збори е национално предавство и уништување на идентитетот и ставање на нова јамка на вратот на македонскиот народ како што веќе ставија со францускиот предлог и договорот со Бугарија?“
Од партијата наведуваат дека постојат две можни причини за ваквото однесување. Првата, според нив, е свесно делување поврзано со економски интереси, а втората е недостаток на свесност.
„Ако сфаќа значи свесно прават предавство поради бизнисите на Заеви поврзани со бугарски фирми, ако не се свесни еве им објаснуваме барем на оние малкумина кои преостанале и кои слепо го следат двоецот Заев – Филипче да се освестат.“
Критики за изјавите на Филипче
Во соопштението се критикуваат и јавните настапи на Филипче, за кои се тврди дека имаат прикриена намера.
„Оваа слаткоречива изјава на Филипче полна со загриженост за иднината на народот е всушност параван за предавство.“
Партијата наведува дека Европската идеја ја гледа како вредност која треба да се брани со достоинство и почит кон идентитетот.
„Европската идеја е жива и ние достоинствено ќе ја браниме затоа што таа е идеја на почит, добрососедство и прифаќање на идентитетот на сите, а не потчинуванње и понижување на нашиот народ како што СДС тоа го замислува. Ние се бориме за решение кое ќе е достоинствено и нема да потклекнеме пред притисоците, предавствата и интригите на СДС кои се полоши и од оние кои сакаат наше обезличување.“
Обвинувања за однесувањето на политичките претставници
Во продолжение, ВМРО-ДПМНЕ упатува лични критики кон Филипче и неговото политичко делување.
„Кога ви зборува Филипче само потсетете се кој е тој, какви се неговите морални вредности и со која екипа лојално и бескомпромисно ја уништуваше Македонија. Тоа се зборови на човек кој е потонат во криминал, без ронка респект кон својот народ и држава и кој спие на увото дека нашиот народ ќе ги заборави сите злодела што тој и Заев ги направија и дека има кратко памтење и повторно ќе го прелажат.“
На крајот од соопштението, се наведува став дека граѓаните веќе имаат искуство со овие политички личности.
„Овие луѓе ги знаете, ништо добро Македонија не видела од нив. Ниту пак ќе види.“
