Постои основан сомнеж дека вицепремиерот Артан Груби го добил „аудито“ затоа што влијаел врз милионски тендер и купопродажба на хотел на Попова Шапка, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение и го повикуваат Основното јавно обвинителство да го испита случајот.
Изгореното ‘ауди’ во дворот на Груби отвори сомнежи за тежок криминал, злоупотреба на службена должност и трговија со влијание. Всушност еден криминален чин на виделина извади друг. Но Јавното обвинителство молчи како да има дадено омерта, колку и да звучи тоа парадоксално.
И зарем во ова нема ништо сомнително за обвинителството?!
Кој дава туку така вакво луксузно возило на користење, ако се има предвид дека го купил 80.000 евра?! Дали Груби го искористил своето влијание за милионскиот тендер, дали барал градежната компанија која го добила тендерот да му го продаде хотелот на Попова Шапка по багателна цена на компанијата на својот пријател и на крајот дали за ваквиот бизнис Груби бил честен луксузно возило?
Овие прашања Груби очигледно не ги одговара, но Јавното обвинителство е по службена должност е повикано сето ова да го испита. Овде смрди на матна зделка, која ако не сега во иднина ослободените правосудни институции ќе ја проверат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.