Пратениците од власта и опозицијата не најдоа решение за пристапот до договорот со „Бехтел-Енка“, кој е класифициран поради деловна тајна. По денешната координација свикана од спикерот Талат Џафери, на која не присуствуваше ВМРО-ДПМНЕ, беше предложено Договорот да се разгледува на затворена седница на која би присуствувале само пратениците со безбедносен сертификат.

„Со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста“, наведуваат од Кабинетот на претседателот на Собранието.

По координацијата, од СДСМ истакнаа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да одлучат кога да се разгледува Договорот и како што велат, да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес. Но, контрапредлог пристигна од ВМРО-ДПМНЕ. Го бараат Договорот на десет дена за увид и тоа за сите пратеници. Оттаму обвинија дека веќе имало преседан и дел од пратениците од мнозинството што поднесоа законски измени имале увид во Договорот, без да поседуваат сертификат.

„Ако можеле осум пратеници од ДУИ да имаат увид во Договорот, а двајца пратеници од тие осум немаат безбедносен сертификат и тоа ни е проверена информација, тогаш зошто да не можат сите 120 пратеници да го добијат Договорот, бидејќи граѓаните ги избрале за да контролираат власта“, рече Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски повтори дека тие не сакаат на затворена седница, како што вели, некој од министрите да им го прераскажува Договорот, туку да имаат пристап до оригиналниот документ од петстотини страници.