Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ вчера имаа средби со дел од своите колеги во Парламентот, а во изјава за медиумите своја поддршка за предлог документот даде и пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов. Предлог резолуцијата ја поддржаа и пратениците од ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го поздрави чекорот на СДСМ и наведе дека резолуцијата ги содржи „националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи“.

– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни, посочи Мицкоски.

Тој им се заблагодари на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција, како и на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат или беа подготвени за разговор.

Пратениците од ДОМ и ЛДП ќе ја прифатат резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираа дека треба да се усогласи со уставното име на државата.

– Текстот на Предлог-резолуцијата генерално за нас е прифатлив. Секако останува овој текст е отворен за дополнување, корекции. Се разбира треба да се усогласи со уставниото име на државата, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ. Нејзини очекувања се дека за еден ваков документ би требало да има широк консензус, потсетувајќи дека и политичките партии и граѓаните имаат ист став за идентитетските прашања.

Овој став го дели и пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова.

– Ни беше презентиран истиот текст што вчера беше споделен со медиумите. За нас Предлог-резолуцијата е прифатлива. Имавме забелешки само во делот каде што треба да се усогласи уставното име. Собранието треба да биде обединето околу ова прашање, изјави пратеничката Зајкова.

Демократскиот сојуз смета дека Собранието треба да расправа и да усвои Резолуција за стратешките државни и национални интереси поврзани со евроинтеграциските процеси, се со цел да се упати јасна порака и до Европската унија, но и до соседните држави дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот, кој е едно од клучните обележја на секој народ. Партијата инсистира на консензус при носење на Резолуција или Декларација на Собранието.

– За овие прашања потребен е и граѓански и политички консензус, а не тие да бидат причина за внатрешни поделби и собирање на дневно-политички поени. Очекуваме расправа во Парламентот и подобрување на текстот на предложената Резолуција, за таа да биде основа за сплотување, помирување и надминување на внатрешните поделби и конфликти, посочија од партијата.

Резолуцијата се уште не е официјално поднесена во Собранието, но Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски најави дека документот ќе биде доставен до законодавниот дом.

За денеска се најавени и средби на ВМРО-ДПМНЕ со пратеници од блокот партии на Албанците.

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во неделата изјави дека партијата се уште нема став за резолуцијата, но најави дека деновиве ќе соопштат дали ќе го поддржат документот.