Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски денеска напладне во Државната изборна комисија ќе достави иницијатива за одржување задолжителен референдум со прашање: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Претседателот на државата Стево Пендаровски предупреди дека прашањето на опозицијата за референдумот е за прекинување на европскиот пат, додека за премиерот Димитар Ковачевски станува збор за неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата на Мицкоски.
Отровно дрво, отровни плодови раѓа, вака Мицкоски вчера ја опиша актуелната ситуација со условувањата од страна на Бугарија за продолжување на преговорите со Европската Унија кои произлегуваат од Договорот за пријателство и најавените уставни измени со цел внесување на Бугарите и припадници на други заедници во земјата во Преамбулата на Уставот.
-Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, изјави Мицкоски нагласувајќи дека тие не се против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но дека договорот е асимилаторски и треба да се напушти.
Постапката ќе почне со собирање 100 потписи за отпочнување на граѓанска иницијатива која потоа ќе биде доставена до Собранието, а со цел овозможување на постапка за собирање на 150 илјади потписи од страна на граѓаните на Македонија. Први на списокот, според Мицкоски, ќе бидат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Откако ќе биде утврдена уредноста на иницијативата ќе започне собирањето 150.000 потписи потребни за одржување на референдумот. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови.
Мицкоски на средбата со новинарите вчера побара семакедонско обединување, а за да успее референдумот апелира и бара поддршка за македонскиот народ од нивните соседи Албанци, Роми, Турци…
-Ова е најголемиот тест за македонскиот народ во поновата историја, рече тој, барајќи поддршка од припадниците на другите заедници на референдумот.
Мицкоски го повтори ставот дека со Договорот за пријателство со Бугарија е нападнат македонскиот идентитет и дека нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите на историската комисија.
-Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед, прашува Мицкоски и додава дека „тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците“.
Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на прес-конференција ја повикува целата јавност, експертите, политичките партии, граѓанските организации, граѓаните во целост да се приклучат кон иницијативата и да го поддржат Референдумот.
-Оваа иницијатива за Референдум е целосно европска бидејќи се спротивставува на негаторските политики и постапки кои Бугарија ги насочува кон Македонија од аспект на јазикот, културата и идентитетот, рече Мицевски.
Претседателот на државата Пендаровски и премиерот Ковачевски се против одржување на референдумот.
-На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
Според Пендаровски, прашањето на опозицијата за референдумот е практично да го прекинеме европскиот пат.
-Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето, рече Пендаровски.
Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица стои и Преспа и Договорот со Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ возврати нарекувајќи го Пендаровски слуга на Владата и побара да каже како отфрлање на билатерален договор кој е основа за асимилација е антиевропски Референдум? Констатира дека ова е прв случај во историјата, Претседател на демократска држава да не сака да го слушне народот.
Премиерот Ковачевски во референдумското прашање гледа неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата.
-Прво, ние сме држава која почна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ, предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател. Референдумското прашање тие веројатно ќе го достават до Собранието, истакна Ковачевски по седницата на Советот за безбедност, одговорајќи на новинарски прашања.
Во овој момент, нагласи Ковачевски, какво било спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции на државата е правење штета на граѓаните и на македонскиот евроинтегративен пат.
-Колку брзо ќе се движиме ние во приклучувањето кон ЕУ сега зависи исклучиво од нас, бидејќи имаме задачи и активности коишто треба ние да ги спроведеме дома кај нас. Тоа се однесува како на спроведувањето на успешен скрининг за што веќе информиравме вчера за воспоставување на преговарачка структура. Се што се прави заради лични, партиски цели е нешто што е против членството на државата во ЕУ, потенцира премиерот.
Ковачевски смета дека и во опозицијата има европски блок на политичари кои го поддржуваат членството на земјава во ЕУ и дека тоа ќе се потврди кога уставните измени заради внесување на делови од други народи во Уставот ќе бидат ставени на усвојување во Парламентот, по сите консултации и по целата процедура.
-И уште нешто сакам да додадам, а тоа е дека истата таа опозиција беше против Преспанскиот договор заради тоа што ќе сме го изгубиле идентитетот. Ниту изгубивме идентитет, ниту го спомнуваат Преспанскиот договор. Истата таа опозиција организираше референдум против територијалната поделба во државата и за време на тој референдум кој беше неуспешен зборуваше дека дента кога ќе дојдат на власт ќе ја укинат територијалната поделба. Единаесет години беа на власт не ја укинаа територијалната поделба. Истата таа опозиција не беше во Парламентот да гласа против Договорот со Бугарија. Претседателот на таа опозиција пред камери на бугарски јазик на бугарскиот премиер му кажа дека го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија и сега излегува со референдумско прашање против Договорот со Бугарија за кој пред камери го поддржа. Тоа е една неконзистентност, гледање лични партиски интереси кои немаат никаква поддршка ниту кај граѓаните, ниту кај политичките партии во опозицијата, нагласи премиерот Ковачевски.