ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираше на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која ја обвини Владата за растечка инфлација и влошен животен стандард.

СДСМ нема кредибилитет да зборува за економски политики со ова раководство и со излитени кадри,“ стои во соопштението на владејачката партија.

Кузеска претходно изјави дека во Буџетот за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, поради што, како што рече, „платите и пензиите нема да растат, а ќе растат само трошоците за живот и стандардот на профитерите“.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека народот на изборите му ја испорачал реалноста на СДСМ.

„Доколку граѓаните беа навистина незадоволни од работата на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да ѝ дадат толкава и убедлива поддршка на локалните избори. Тоа е најјасната порака од народот дека има доверба во политиките кои носат резултати,“

соопштија од партијата.

Според нив, СДСМ со години го оштетувала државниот буџет за лични и партиски интереси, па затоа „денес нема право да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија“.

Колку е иронично што СДС зборува за инфлација, кога токму во нивно време државата се соочи со двоцифрена инфлација и економска нестабилност,“

додадоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачаа дека опозицијата, наместо со обвинувања, треба да се посвети на внатрешни реформи, да расчисти со старите структури и да понуди, како што велат, „барем трошка кредибилитет“ пред јавноста.