ВМРО-ДПМНЕ: Патлиџан-дипломатијата на Заев е симбол на надворешнополитичкиот неуспех
ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на критиките што ги упати Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, упатени кон министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Жерновски го обвини Муцунски за, како што рече, целосен дипломатски дебакл и влошување на меѓународната позиција на Македонија.
Во својата реакција, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Жерновски нема кредибилитет да зборува за дипломатија, обвинувајќи го за неспособност и политичка поданичност за време на неговото назначување за амбасадор во Букурешт.
- „Жерновски кој седеше со месеци во Букурешт без да предаде акредитивни писма, слуга на Заев не може да кажува како треба да се работи. Жерновски е уште еден потрчко на патлиџан-дипломатијата на Заев, кои ја сфаќаа дипломатијата како ,’Бојко љубави, имаш поздрави од Зоки’. Жерновски глуми дипломат, а всушност се работи за човек кој е следбеник на дипломатијата ‘еден народ, две држави’,“ се наведува во реакцијата на партијата.
СДСМ е виновен за дипломатскиот колапс, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ
Според владејачката партија, актуелната влада исправува грешки направени од СДСМ во времето на претходното раководство. ВМРО-ДПМНЕ ги обвини социјалдемократите за урнување на државните позиции и за вкупен неуспех на дипломатски план.
„СДСм пред да зборува за дипломатија, треба да се извини за Заев, и за сите уназадувања кои ги причини тој, на национален план. СДС ги урна Македонските позиции, нешто кое наиде на фрапираност и кај најголемите шовинистички кругови во Бугарија. СДС е директно виновен за се негативно на дипломатски план. А Владата на ВМРО-ДПМНЕ, веќе една година поправа грешки од СДС и ниже успеси,“ велат од партијата.
Жерновски претходно истакна дека по една година од мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија нема ниту еден дипломатски успех.
„Резултатите на меѓународен план се поразителни, Македонија е понижена, без ниту еден успех, само порази,“ изјави Жерновски.