Независниот кандидат за локални избори, Милосим Војнески, денеска објави дека ја повлекува својата кандидатура. Тој им се заблагодари на сограѓаните за поддршката во првиот изборен круг и нагласи дека ја донел оваа одлука во интерес на граѓаните.
Преку објава на својот Фејсбук профил, Војнески им се обрати на граѓаните со порака во која ја образложи својата одлука.
„Почитувани мои сограѓани,
Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори.
По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура.
Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми.
ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија – партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.
Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.
Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент.
Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена.
Со почит
Ваш Милосим Војнески“