Критики за ставовите на Филипче

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги повторува политиките на Зоран Заев и СДСМ во однос на уставните измени и евроинтеграциите, обидувајќи се да ги увери граѓаните дека измените без конкретни гаранции се прифатливи, иако, според партијата, слични ветувања во минатото наместо напредок донеле нови блокади, вета и дополнителни условувања за Македонија.

„Венко Филипче, исто како и Заев во своето време, се обидува да ги убеди граѓаните дека уставните измени без гаранции се прифатливи и дека нема причина за загриженост. Заев користеше идентична реторика кога ги промовираше измените поврзани со името на државата, тврдејќи дека тоа е последниот чекор кон членството во ЕУ“, се наведува во партиското соопштение.

Наместо напредок следуваа нови блокади

Од партијата оценуваат дека по преземените чекори од страна на СДСМ и ДУИ, земјата не добила напредок каков што бил ветуван.

„Наместо ветениот напредок од страна на СДС, Македонија се соочи со нови блокади, нови вета и дополнителни условувања од Франција и Бугарија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека Филипче не понудил конкретен одговор како би се спречиле евентуални идни блокади и вета во процесот на европска интеграција.

„Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вета, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови блокади“, велат од партијата.

Националните интереси мора да бидат заштитени

ВМРО-ДПМНЕ порачува дека евроинтеграцијата останува стратешка цел, но дека секој следен чекор треба да биде проследен со јасни гаранции.

„Членството во ЕУ останува стратешка цел, но тоа не смее да биде оправдување за прифаќање нови отстапки без јасен исход и без заштита на националните интереси.“

Од партијата нагласуваат дека нема да поддржат решенија кои, според нив, не нудат сигурност за државните позиции.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи повторно СДС и Венко Филипче да ја газат волјата на граѓаните. Националните интереси мора да бидат заштитени и секој следен чекор на евроинтегративниот пат треба да биде заснован на јасни гаранции.“

Во соопштението се додава и дека „Македонија заслужува достоинствен европски пат без нови условувања и отстапки“, како и дека граѓаните заслужуваат политика која ќе обезбеди сигурна иднина и заштита на државните интереси.